ИО на СДСМ: Македонија мора да добие влада што ќе ги решава проблемите на граѓаните

Макфакс

11/01/2017

10:53

422

Големина на фонт

а а а

Македонија мора да добие влада што ќе ги решава реалните проблеми на граѓаните, заклучи Извршниот одбор на СДСМ, на состанокот одржан во вторник вечер, од ВМРО-ДПМНЕ им порачуваат дека граѓаните јасно ја искажале својата волја на избори.

„Извршниот одбор на СДСМ на вечерашниот состанок уште еднаш оцени дека е постигнат огромен успех на парламентарните избори на 11 декември, на коишто мнозинството граѓани на Македонија избраа промени на власта. Констатирано е дека ќе остане запаметено во политичката пракса, дека во Македонија е срушен режим без насилство, со пенкало и со глас. Ставот на Извршниот одбор на СДСМ е дека Македонија мора да добие Влада на граѓаните на Република Македонија којашто ќе почне со решавање на нивните реални проблеми. Граѓаните сакаат квалитетен живот, во едно општество на еднакви граѓани, правда и независно судство, државни институции што работат во служба на граѓаните“, стои во соопштението од партијата по одржаниот состанок.

Потсетуваат дека сето ова е содржано во извештаите на Европската комисија и на Рајнхард Прибе и мора да биде основа на реформските приоритети на новата Влада на граѓаните на Македонија.

„Сите партии коишто имаат освоено пратеници во Парламентот, освен криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, не смеат да дозволат формирање Влада во којашто би учествувале лица обвинети за тешки кривични дела, кои ги уништиле животот и перспективите на граѓаните и на Република Македонија“, соопштуваат од СДСМ.

„Граѓаните на Македонија, на изборите од 11-ти декември, јасно ја изразија својата волја и им кажаа едно големо „НЕ“, на политиките на уништување на македонската економија и држава, на коруптивните политичари и профитери од криминалната групација СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ го доби мандатот од граѓаните за да формира Влада и да ја преточи нивната волја во реални мерки и проекти, за нивни подобар живот“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сметаат дека политичарите од „криминалната групација СДСМ“, наместо да ја научат лекцијата, наместо да ги залажуваат своите членовите со разни приказни, треба да ја прифатат реалноста дека за криминал се одговара.

„Наместо патетичните соопштенија со кои Заев се уште мисли дека ги лаже членовите на својата партија дека не бил поразен на изборите, тие очекуваат одговор кога ќе го исполни ветувањето и ќе си ја даде оставката што ја вети“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го доби мандатот од претседателот Ѓорге Иванов и до крајот на месецов треба да состави влада.


Спонзорирани линкови

Маркетинг