10 конфликти кои што ќе ја одбележат оваа година: Крвави војни кои што траат и кои што може да избувнат

Точка

11/01/2017

12:11

2438

Големина на фонт

а а а

Угледниот магазин Foreign Policy смета дека овие 10 конфликти ќе ја одбележат новата 2017-та година.

1. Ирак и Сирија – И оваа година на врвот на листата се наоѓаат двете земји во срцето на Блискиот исток. Исламската држава и натаму е активна и продолжува да го шокира светот со своите ѕверства, а со оглед на тоа што ирачката војска со месеци крваво го плаќа секој метар освоена земја во Мосул, јасно дека и оваа година ќе има страшни крвопролевања во овие земји.

2. Турција – Новогодишниот масакр беше кулминација на терористичките напади во оваа земја која што може да се каже дека е во нашето соседство. За само неколку години, Турција го обнови деценискиот конфликт со Курдите, се случи државниот удар минатата година, турските сили навлегоа во Сирија и земјата се соочи со страшни терористички напади. После сето тоа, тешко е да се очекува дека работите ќе тргнат кон подобро оваа година во турската држава.


3. Јемен – Еден од „најзаборавените“, но и најкрвави конфликти кој што речиси и никогаш не се наоѓа на насловните страници на најголемите светски медими. Илјадници луѓе умираат, а борбените авиони на Саудиска Арабија дури бомбардираат болници, училишта и градинки. Од 2015-та година Јемен е практично држава која што се распаѓа – формирани се две влади, секоја со свој регионален спонзор. Меѓународните надбљудувачи сметаат дека Саудиска Арабија и Иран мора да ги натераат завојуваните страни да седнат на преговарачка маса – мала е веројатоста дека тоа дека ќе се случи оваа година.

4. Централна Африка – Неколку помали конфликти се случуваат во централна Африка, а истите влијаат на најмалку 4 милиони луѓе кои што се во прогонство. Има неколку радикално исламистички групи во околината на езерото Чад, а најозлогласена е нигериската Боко Харам која што веќе со години не можат да ја поразат нигериските власти.



5. Демократска Република Конго – Католичката црква и африканските држави маестрално диригираа начелен договор за мирна транзиција на власта. Имено, актуелниот тамошен претседател Џозеф Кабила најави дека ќе остане на власт и по истекувањето на мандатот, иако уставот не му го дозволува тоа. Мирни и помалку мирни протести минатата година најавија дека можеби оваа година ќе избие крвава граѓанска војна.

6. Јужен Судан – Една од најмладите држави на светот е разурната од граѓанската војна и големата сиромаштија. Додека сите страни повикуваат на примирје, конфликтот не се смирува. Обединетите нации распоредија неколку илјади миротворци – фамозните сини шлемови, но нивниот мандат се покажа како неуспешен. Аналитичарите сметаат дека единствена надеж да се смири ситуацијата е соработка на Јужен Судан со Судан и Уганда.



7. Авганистан – После повеќе од деценија од американската инвазија и небројните жртви, Авганистан ниту денес нема стабилна влада, ниту пак е блиску до стабилизација на ситуацијата. И додека соседните држави основаат работни групи за борба против тероризмот, официјален Кабул како да спие, а Американците немаат некои конкретни планови, додека Талибанците пак, започнуваат да се будат.

8. Мјанмар – Далеку од очите на јавноста, далеку од очите на светот, под будното око на будистичките свештеници се води прогон и етничко чистење на мјанмарските муслимани. Властите ги предводи Аунг Сун Су Кји која што има добиено Нобелова награда за мир, меѓутоа локалните власти сеедно ги прогонуваат муслиманите кои што за нив не се добредојдени. Десетици илјади луѓе се прогонети, а се појавија и првите мулимански паравоени единици, што значи дека ситуацијата може да пламне и во нестабилната југоисточна Азија.


9. Украина – Три години и десетици илјади загубени животи подоцна, состојбата на истокот на Украина и натаму е напната. Украина и натаму се соочува со големата корупција, а економската ситуација и не е баш најдобра. Се проценува дека државата може да падне во уште поголема криза ако оваа година бидат распишани предвремени избори, а од нив да профитираат проруските партии.

10. Мексико – Откако Доналд Трамп ја најави својата кандидатура за претседател на САД, започнаа најавите за масовна депортација на Мексиканци и изградба на ѕид долж мексиканско-американската граница. Доколку ова се оствари, државата ќе падне во сериозна економска криза, а тоа ќе се обидат да го искористат и нарко картелите. Според некои проценки, во војните на нарко картелите во 2015-та година во централна Америка биле убиени 34 илјади, а само за споредба, во Авганистан биле убиени „само“ 15 илјади лица.


Спонозорирани линкови

Маркетинг