Комерсант: Планот на Додик би можел да доведе до нова војна во регионот

Макфакс

10/01/2017

11:46

586

Големина на фонт

а а а

Доколку би дошло до реализација на планот на претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик за излегувањето на овој ентитет од составот на Босна и Херцеговина (БиХ), тоа би можело да доведе до нова војна во регионот и засилување на конфронтацијата помеѓу Русија и Западот, оценува московскиот весник Комерсант.

Весникот потсетува дека Додик изјавил оти на босанските Срби им е подобро да создадат единствена држава со Србија и српските територии на Косово, кон кој потоа би се припоила и Црна Гора, додавајќи дека претседателот на РС и претходно давал слични изјави, но дека сега за првпат „отворено ја формулирал идејата за `голема Србија`“.

Комерсант пишува дека „сензационалната изјава“ Додик ја дал во пресрет на Денот на Република Српска, кој меѓународната заедница го смета за незаконски, а Хрватите и муслиманите пак го сметаат за дискриминаторски. Муслиманите, кои чинат мнозинство од населението во БиХ, како и претставниците на меѓународната заедница стравуваат дека после септемврискиот референдум Додик тргнал по патот на излегувањето на РС од БиХ.

Рускиот весник оценува дека најновата изјава на Додик само ги потврдила овие стравови, и дека сега настанува ситуација која предизвикува скоро неизбежно заострување на конфликтот на лидерот на Република Српска со меѓународната заедница. Весникот додава дека дипломатски извори во БиХ како најреална опција ја гледаат изолацијата на Додик и воведувањето на санкции за РС, а во случај да дојде до тоа, во конфронтацијата помеѓу Западот и Додик би можеле да бидат вовлечени и Србија и Русија, на чија поддршка смета Додик.

„Премиерот на Србија Александар Вучиќ избегна да присуствува на Денот на Република Српска, ограничувајќи се на честитки, а во пресрет на септемврискиот референдум јасно ставил до знаење дека Белград не го поддржува неговото одржување, но и дека не планира да се меша во одлуките во босанските браќа“, пишува Комерсант.

Весникот наведува дека ни Москва не сака да го поддржи Додик, бидејќи по неговата септемвриска средба со рускиот претседател Владимир Путин, Кремљ се огласил само со кратко соопштение во кое не бил спомнат нити референдумот, нити поддршката за неговото одржување. „Во спротивно, Русија не само што би добила нов повод за кавга со Западот, туку би заземала и уште посилја просрпска позиција отколку и самата Србија“, заклучува Комерсант.


Спонозорирани линкови

Маркетинг