Додик: Ако не ни ги вратат овластувањата од Дејтон, нема да останеме во БиХ

Макфакс

09/01/2017

13:37

618

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјавил дека ентитетот нема да остане во рамките на Босна и Херцеговина (БиХ) доколку не му бидат вратени изворните овластувања од Дејтонскиот договор, пренесуваат српските медиуми.

Според Додик, Република Српска е „примарно заинтересирана“ за враќање на овие надлежности. „Бидејќи тие овластувања беа укинати со одлуките на високите претставници, и покрај договорот кој беше прекршен преку одлуките на странски судии, Српска е одлучна да ги афирмира своите изворни Дејтонски овластувања“, рекол Додик во својот говор по повод 25 години од формирањето на Република Српска.

„Денес, 25 години потоа, Република Српска е одлучна да го живее својот живот како држава и е одлучна во согласност со Дејтонскиот договор да ги уважи своите изворни права“, порачал Додик, додавајќи дека тоа е меѓународно право на Република Српска, со што делувањето на меѓународните претставници и странските судии во Уставниот суд на БиХ не може да биде „мерка на слободата“ на овој ентитет во БиХ.

„Тоа се мерки на неслобода за нас и затоа ние одлучно ќе го отфрлиме секој обид за наметнување на квази одлуки донесени во Уставниот суд на БиХ“, рекол претседателот на Република Српска. Уставниот суд во ноември 2015-та ги оспори одредбите на Законот за празници, сметајќи дека одбележувањето на Денот на Републиката, 9-ти јануари, е неуставно и дискриминаторско за сите граѓани на овој ентитет, кои не се Срби.

Истиот ден во Република Српска се празнува и христијанската слава, Свети Стефан, а самиот 9-ти јануари е спорен бидејќи на тој ден во 1992-та година тогашните српски пратеници во парламентот на БиХ донесоа одлука за формирање на Српската Република Босна и Херцеговина, подоцна преименувана во Република Српска.

Властите на Република Српска во септември минатата година одржаа референдум на кој поголем дел од граѓаните поддржаа 9-ти јануари и натаму да се одбележува како Ден на Републиката. Бидејќи од законот за празници на Република Српска се отфрлени одредбите кои се однесуваат на 9-ти јануари како Ден на Републиката, ентитетскиот парламент го усвои новиот закон за Денот на Република Српска со кој 9-ти јануари и натаму останува Ден на Републиката, со тоа што овој празник е од секуларен карактер и неговата прослава не е обврзувачка.


Спонозорирани линкови

Маркетинг