Зошто крајот на битката во Алепо не значи дека ќе биде ставен крај на војната во Сирија?

Точка

13/12/2016

21:00

7987

Големина на фонт

а а а

Победата на сириската војска над милитантите во овој последен бастион на исламистичките бунтовници ја отвори расправата за иднината на Сирија и дали падот на Алепо ќе стави крај на граѓанската војна во оваа земја.

Додека многумина сметаат дека поразот во Алепо на милитантите може да значи нивно тотално уништување и голема победа на Башар Ал Асад, реалната слика од терен е драстично поинаква од онаа која што ја создаде напредувањето и конечната победа на сириската војска.

Алепо пред војната беше најголемиот сириски град со над два милиони жители и вистиски економски и индустриски центар на земјата. Како еден од најразвиените и најнапредни и просперитетни градови, на почетокот од Алепо не пристигнуваше поддршка на протестите против Асад во 2011-та година.


Дури ниту со претворањето на протестите во вооружени пресметки во 2012-та година, Алепо беше мирен град, за разлика од центрите на бунтовниците Дара, Хомс и Хама. Додека самиот град беше мирен, околните населби, помали градови и рурални конзервативни средини (Ал-Баб, Мабиџ и Азаз) набрзо се претвораа во моќни бастиони на сириските бунтовници.

Причините за тоа што додека Сирија вриеше, Алепо беше мирна средина е во тоа што овој град беше центар на просперитетната сириска средна класа. Овој слој беше со секуларна ориентација, развиен и прогресивен.

Во самиот град немаше активности на бунтовниците се до летото 2012-та година кога исламистичките милитанти од околните села започнаа да влегуваат вооружени во градот и да заземаат позиции. Жителите на Алепо не ги дочекаа како ослободители и може да се каже дека урбаниот и модере Алепо со презир ги гледаше исламистичките милитанти, нивниот заостанат изглед и однесување, како и нивната идеологија.


На самиот почеток на ескалацијата во Алепо, сириската власт можеше само да мобилизира доброволци кои што ги бранеа своите квартови од милитантите. Алепо е доминантно сунитски град, но сириската влада успеа да ја задржи контролата над овој град затоа што голем дел и од сунитите се приврзани кон секуларната влада во Дамаск, отколку кон исламистичките милитанти кои што од руралните области пристигнаа во нивниот град.

Аналитичарите се поделени, иако генралната слика во последнава година беше тоа дека Алепо е бастионот на милитантите, сепак, се чини дека реалноста е сосема спротивна, односно дека Алепо не само што не е нивниот бастон, туку беше и остана единственото преостанато упориште на сириските власти во цела северна и источна Сирија.

Како и да е, поразот на милитантите во источен Алепо сигурно нема да резултира со крах на бунтовниците ширум Сирија поради причината што овој град се сметаше за стратешко тежиште на сириската влада чие што целосно освојување ќе значеше и пад на Асад. Заземањето на Алепо ќе им овозможеше на милитантите да добијат меѓународен легитимитет и поддршка, на сличен начин на кој што либиските бунтовници го искористија Бенгази за формирање на алтернативна либиска влада.


Падот на Алепо може да ги разниша стурктурите во бунтовничките организации, но исто така би можел да доведе и до неочекувано јакнење и нивна меѓусебна соработка поради поефикасно координирање на нивните акции во иднина. Тоа можеше да се забележи во последнава седмица кога традиционално спротиставените бунтовнички групи се обединија и заедно „го бранеа“ Алепо.

На воен план поразот во Алепо ќе остави најмали последици. Алепо во суштина никогаш не беше епицентарот на бунтот и повеќето од милитантите имаа потекло од руралните области, а воениот капацитет на бунтовниците нема во значајна мера да биде намален. Сириските бунтовници и натаму ја контролираат целата провинција Идлиб, а и натаму имаат поддршка во руралните средини во провинцијата Алепо. На југот на Сирија го контролираат најголемиот дел од провинцијата Дара, а имаат и присуство во провинцијата Дамаск.

Во подрачјата кои што се под доминација на исламистичките милитанти, сириската армија ќе има далеку потешка задача да направи напредок сличен на оној во Алепо од повеќе причини. Клучен проблем за сириската армија и натаму е недостатокот на војници и оваа слабост ги натера сириските власти да се потпираат на многу паравоени формации.

Факт е дека сириската армија речиси сите сили ги насочи кон ослободувањето на Алепо, а другите фронтови ги остави без сериозна стратешка резерва во случај на потреба од тоа. Исто така, прашање е дали Алепо ќе беше ослободен досега ако не беа илјадниците шиитски доброволци од Ирак, како и поддршката на либански Хезболах и иранската Револуционерна гарда. Не смее да се заборави и руското воено воздухопловство кое што може да се каже дека ја заврши пола работа. Како и да е, реално е и тоа дека руската воздушна кампања има свои граници и бунтовниците се способни да се прилагодат на воздушните напади.


Но, со целосното заземање на Алепо, Асад конечно може да здивне и да каже дека неговата власт е сигурна. Во овој момент под негова контрола се главниот град Дамаск и најголемиот економски центар Алепо. Асад може да создаде слика кај бунтовниците дека се е под негова контрола, иако факт е дека Алепо денес не само што не е економски центар, туку е претворен во рушевини, а сириската армија контролира мал дел од големата Сирија.

Најдобриот пример за неспособноста на сириската војска да војува на повеќе фронтови во исто време претставува најновото повлекување од Палмира пред налетот на ИСИС. Без формациите кои што моментално се распоредени во Алепо, локалните сириски сили се повлекоа без борба и единставно им го предадоа градот и им ја отворија можноста за напад на важната воздушна база Тијас.

Со Исламската држава која што и натаму дивее низ Сирија и сириската армија која што не може да контролира ниту 10 проценти од територијата на Сирија, падот на Алепо повеќе претставува еден симболичен чин, отколку што реално може да донесе некакви промени.

Единствената шанса за реален спас на Сирија би била изградбата на дипломатски мостови на рушевините на Алепо, а било какво залажување дека било која страна во Сирија може да оствари конечно решение преку воен пат е опасна заблуда чие што ширење може да има само трагични последици по секако напатениот сириски народ.


Спонозорирани линкови

Маркетинг