Нина Ангеловска: Најважната особина на вработениот во новиот технолошки свет е брзото учење и адаптирање

Точка

02/12/2016

11:24

8.064

Големина на фонт

а а а

Брзо оди, брзо зборува а уште побрзо типка на тастатурата од телефонот. Има една од најубавите насмевки и остра, но освежувачка, искреност. Често вели „Никогаш не се жали“. Невозможно е да седиш спроти неа а да не те инспирира и плени со својот шарм, ентузијазам, амбиција, ведрина и решителност. На моја радост, на крајот од работниот ден, се сретнавме во „Carpe Diem“, на чаша добро вино затоа што знам дека Нина е љубител и веќе задоволително искусен дегустатор и уживач...

Нина Ангеловска е еден од сопствениците на Grouper.mk, поранешна корчагинка, од пред еден месец доктор на науки на Економскиот Факултет, Скопје.

Хоби ѝ е вежбање, кое го прави професионално. Со пасија секогаш се вклучува во менторирање на млади и посветено работи на подобрување на е-трговијата во Македонија.

Како успеваш да менаџираш, што бара прецизност и оператива, а од друга страна да останеш креативна?

Менаџирањето и добрата организација ги развивав уште кога почнав да студирам. Си земав што повеќе обврски затоа што верувам дека колку повеќе обврски имаме толку сме поефективни и поорганизирани. Така кога почнав да студирам почнав да одам и на италијански јазик, се запишав на вежбање и одев на секакви настани надвор од факултетот каде што можев да научам нешто ново. Од друга страна од секогаш сум наоѓала време за нешто креативно, а тоа многу често кога сум сакала да изненадам некоја сакана личност.

Сакам да изненадувам и подарувам, па тоа ми беше одлична инспирација за креативност уште од мала која ми помогна да развијам нови вештини. Се сеќавам дека во 8-мо одделение се учев да монтирам клипчиња кога тебе ти правев роденденски поклон :).

Во бизнис околина инспирацијата за креативност нѝ се Grouper корисниците и компаниите. Предизвикот да се биде креативен кога времето е многу редок ресурс е вистински предизвик. Сите маркетинг кампањи кои сме ги имале до сега за Grouper се креирани и реализирани во целост од нашиот тим кој многу добро ја знае визијата и душата на компанијата која сакаме да ја пренесеме преку пораките низ креативните кампањи.

Користиш ли time management алатки?



Добрата организација на времето е есенцијална за успех. Користам алатки за подобар time-management на сите паметни уреди ама користам и традиционални алатки - hard copy нотес кој си го носам секаде и секогаш и кој не снемува батерија :). Плус го имам тоа убаво чуство да си шкртнам кога ќе завршам некој од бројните таскови кои ги имам за денот :).

Каде собираш инспирација, елан, мудрост, желба?

Секаде, секогаш и од секого! Мислите не бираат време кога сте комплетно посветени и го работите тоа што го сакате…додека гледате филм, додека трчате, додека патувате, додека сте на вечера со пријателите...Сметам дека од секој може да се научи нешто. Често се интересирам да научам повеќе и за области кои не се во мој домен, а кои од друга страна отвараат други видици и иновациско размислување кое потоа го применувам на Grouper.

Пред 10 години некој да ми кажеше дека ќе работам волку многу и дека истовремено подеднакво ќе уживам во истото немаше да му верувам. Тоа што ми ја држи истата желба и елан за работа после 6 години се постојаните нови предизвици кои треба да се совладаат и секако резултатите кои покажуваат како сме ги совладале. Фидбекот за постигнатите резултати е многу важен за да се остане мотивиран и спремен за нови предизвици. Инспирацијата и мотивацијата е сила која доаѓа од внатре. По природа сум компетитивна и верувам дека секогаш се' сe може подобро, така понекогаш конкуренција што ме инспирира ми е Нина од претходната година :)

Имаат ли емоциите простор во 'современото' работење?



Емоциите на бираат време и место, сите ние имаме емоции но како ги менаџираме е од голема важност како за личниот така и за професионалниот успех. Да се биде емоционално интелигентен значи да се има капацитет да се разберат емоциите и да се контролира начинот на кој се искажуваат. Брзото донесувањето на правилни одлуки е поважно од кога и да било во овој брз современ свет во кој нема простор за носење одлуки на база на претчувство, емоции и интуиција.

Која мислиш дека е предноста и слабоста на старт ап компаниите наспроти корпорациите?



Старт ап компаниите се карактеризираат со флексибилност, можност за брзо реагирање на предизвиците на пазарот, креативна култура и тимски дух. Додека големите компании се поригидни и побавни, тие имаат јасна структура, поделба на одговорности и подобра организација од старт ап компаниите. Но големината носи други предизвици, како на пример силната конкуренција помеѓу вработените во борбата за напредок проследена со неколегијалност и различни "сопки" и "игри", кои се далеку помалку пристуни кај малите компании. Ние во Grouper сме тим од 15 млади луѓе кои се почитуваат меѓу себе и се секогаш спремни да си помогнат еден на друг. Многу често сите се вклучени во донесување на одредени одлуки и се негува чувството дека "Сите сме во ова заедно". Културата која се гради од самите почетоци е многу важна, а со порастот на тимот еден од предизвиците на старт ап компаниите е да се задржи духот и предностите кои ги имаат малите компании.

Јас лично кога бирам компанија со која сакам да соработувам, без разлика дали е тоа банка или друга компанија од услужна дејност, преферирам помали компании бидејќи врската е поперонализирана и повеќе се залагаат да го задоволат и услужат клиентот, наспроти следењето на строги пропишани процедури каде нема простор за отстапки.

Вработениот во 21 век, треба да има широки познавања или да е специјализирано насочен?



Најважната особина на вработениот во новиот технолошки свет е брзото учење и адаптирање. Живееме во свет на побрзи промени од кога и да било, нови предизвици на секое поле, нови алатки, нови начини за маркетирање и придобивање на купувачите, навиките се менуваат, начините на кој комуницираме се менуваат.. Мало "заостанување" може да предизвика големи загуби за компаниите. Конкурентската предност е клучна за раст и развој на бизнисот, а истата може да се добие само со адектватно одговорање на превизвиците на пазарот. Потребен е извонредно обучен и мотивиран тим кој умешно ќе се справи со сите проблеми и предизвици.

Порано изреката "Jack of all. Master of none" често се толкуваше како негативна особина, сметајќи дека ако учите повеќе области сите ќе ги знаете само површински без детално навлегување во ниту една т.е мастерирање на една одредена област. Денес многу автори тврдат дека успехот на Elon Musk се должи на неговата особина да се биде експерт-генералист што значи да се учи широко во повеќе области, да се разберат подлабоките принципи кои ги поврзуваат различните области и потоа да се аплицираат тие принципи на други специјалности. Оној кој ја поседува оваа способност има информациска конкуретска предност и можност за иновативно размислување.

Која е твојата најголема мана?



Никој не е совршен, сите ние сме луѓе со посилни и послаби страни. Не знам дали секој од нас е свесен за своите мани искрено. Јас еве нешто за што сум свесна е дека знам да бидам незгодина кога не сум наспана. Друго, тешко ми е да бидам во неизвесност и да имам трпение во одредени ситуации кои се надвор од мојата контрола. Кога веќе ја спомнав контролата ми кажале и дека сум control-freak ама јас на тоа гледам како на позитивна работа. Сè се сведува на перцепцијата и тоа што одредени особини може да бидат позитивни и негативни во различни ситуации.

Да можеш да не работиш една година, што би правела?



Искрено не сум размисувала на оваа тема зошто не знам дали би можела да не работам 1 година, а и до сега барем не ми се родила ваква желба :). Претпоставувам тоа е до гените што ги носам и затоа што верувам дека работата го држи човекот. Веројатно би шетала, би посетувала нови земји, култури, би поминувала повеќе време со блиските, би читала, би учела нови работи.

Неуспех кој го памтиш?

Пред еден месец добив покана да бидам говорник на настан кој има за цел да ги охрабри идните претприемачи и пошироката јавност да учат од своите грешки на патот на остварување на своите цели и да се оттргне нереалната перцепција дека до патот кон успехот се стигнува без да се прават грешки. Настанот се организира во 100 земји под името Fuckup Nights, а говорниците се повикани да споделат 1 бизнис грешка која ја направиле во 7 минути раскажана преку 10 слики. Кога ја добив поканата почнав да размислувам што ќе раскажам и после неколку часа размислување не можев да се сетам на бизнис грешка која ќе ја раскажам... И тоа не беше затоа што не сум направила грешки туку затоа што не гледам на грешките на тој начин.. затоа што одма ги поминувам тие работи, гледам позитивно, учам тоа што требало да се научи и продолжувам со позитивен став. Грешките се само можност да започнете повторно, само следниот пат со поинтелигентен пристап. Неуспесите се грешки само ако не сме научиле ништо од нив и ако ги повториме пак.

Вчера се оджа настанот во Public Room под организација на Global Shapers Skopje Hub, а јас го раскажав минатогодишниот Black Friday (2015 год), денот кој со нетрпение го чекавме, кој го нарековме нашиот патронат, за кој целиот тим работеше напорно, за кој се подготвуваме речиси 2 месеци и денот кога потфрливме во една круцијална работа. Имавме над 160 непобливи понуди кои сите сакаа да ги купат - но не можеа! Не бевме спремни за толкава посетеност и опслужување на илјадниците requesti. Денот кој толку го чекавме се претвори во буквално црн петок за нас. Добивавме негативни коментари на телефон, email, социјални медиуми... секој вработен добиваше приватни пораки и повици од пријателите. После неколку часа стрес и изнаоѓање решение за добар менаџмент на кризата, најдовме соодветно решение за ситуацијата и на крајот на денот завршивме со рекордни продажби. Оваа година подучени од минатата имавме беспрекорна Black Friday + Cyber Monday акција и ги надминавме сите рекорди до сега во оналјн продажбата. Понудивме над 600 зделки преку кои беа купени над 18.500 купони од страна на над 5.000 корисници.

Автор: Ана Трпеска
Фото: Ивана Дракулевска
Локација: Carpe Diem
ЗА АВТОРОТВо овој дел на порталот „Точка.мк“ ќе можете да ги следите моите интервјуа.

Тие ќе ги следат сетилата на гостите, односно нивното согледување на светот и животот низ петте основни сетила (вид, слух, мирис, вкус и допир) и интуицијата како шестто сетило. Холистички пристап кој ќе дозволи интимно да ги запознаете моите говорници.

Отсекогаш сметам, дека една од моите најголеми предности е опкружувањето со луѓе кои не се плашат да им веруваат сетилата и кои дозволуваат оние околу нив да учат низ нивното искусување. Тоа се надевам, дека на овие „страници“ ќе најдете инспирација, идеја, начин, поинаков поглед, ќе откриете нова уметност, филм, книга, музика...

Искрено сонувам дека овие интервјуа ќе отворат теми за размислување, идеи, начин на соочување со реалноста што кај Вас ќе предизвика скокоткање на разбудена фантазија.

На кое од Вашите сетила Вие најмногу се потпирате? :)

Искрено,
Ана




Спонозорирани линкови

Маркетинг