Влатко Галевски: Допирањето е врвот на довербата

Точка

28/11/2016

11:14

4302

Големина на фонт

а а а

Еден од луѓето на кои највеќе им се радувам кога ќе ги видам, затоа што приказните кои ги носи и начинот на кои ги раскажува, секој пат ме тера одново да го засакам нашето пријателство. За среќа се сретнуваме често…

Секој пат му велам дека води поактивен социјален живот од сите, па можеш секогаш да го сретнеш во „Менада“ каде и пушта музика, „Горки“, редовно на кино проекции, изложби и промоции на книги... Убаво е и кога ќе се сретнеме во „Метрополис радио“, каде ја води „Слушајте филм„ (понеделник од 22 часот до полноќ), радио емисија за филмска музика.

Последна жарка желба која му се исполни е месечникот за филм „Филм+“, кој Влатко го уредува заедно со Сунчица Уневска. Оваа недела излезе вториот број.

Влатко е поранешен член на „Октет Македонија“.

Страсен риболовец, заљубен во Струга.

Новинарски и со Ad hoc учество следи околу 30 изданија на „Манаки“ филмскиот фестивал. Од самиот почеток на „Синедејс“ е во жири за официјалната програма на фестивалот и во жири за филмска критика.

Еден од омилените филмски проекти му е Дебатниот клуб „Лале“, проекција и дебата за филм, средбите се секоја среда од 20 часот во џебно кино МКЦ.

Автор е на две книги „Фацерија“ и кратки раскази „Исповедни Финеси“.

Три децении работа која се двои и совршено спојува во Филм и Музика... Културата е негова пасија.


Кога гледам филм, гледам...

...го гледам светот, ја гледам сета шароликост на животот, се ми е блиску, ги гледам луѓето од најдалечните меридијани, се запознавам со оние со кои веројатно никогаш нема да имам директна средба...Ескимите велат : видовит е оној кој има очи. Тоа е привилегија на шаманите, тоа не е само бележење на надворешниот свет туку проникнување во суштината на внатрешното битие на човекот, гледање и внатре и однатре, гледање во душата и умот на непознатиот...па така преку филмот можам да бидам близок и со мангупите од Бразил, со самураите од Јапонија, со екипажот на „Ентерпрајз“, со питачите од „Виридијана“, со Гаврош од барикадите, со хероите на Марвел, со Андон од „Црно семе“... Гледањето филм е ненаситност, глад за уште гледање, лакомост на очите, зависност. И кога ќе научиме дека можеме да гледаме и со душата, со нејзините две очи,( едното око ќе го гледа времето а другото вечноста) тогаш отворањето на очите станува обред на отворање на свеста, ритуал за иницијација.


За 22 години „Слушајте филм“, 1300 двочасовни емисии, сакам да слушневте...

Увото е орган за разбирање, симбол на комуникација, канал на духовниот живот, сензор за магичните задоволства. Ова во прилог на тоа, во што е суштината на слушањето? Музиката пак, е големо истражување составено од три сегмента, компонирање, изведба и слушање. Слушањето е последното истражувачко дејствување без кое музиката би била бесмислена. Ја сакам и музиката на речното течење, на жабјото крекање, треперењето на крилјата на вилинските коњчиња, млазниот прелет на сколовранците над реката, флап-флап-флапот од крилјата на белата чапја...сета музика на природата, секоја нејзина нова композиција, секогаш во премиерна изведба, никогаш повторена! Слушањето е своевидна авантура, слушањето музика е некаква љубов, слушањето филмска музика е мој микро свет кој го споделувам со пријателите.


Домот треба да мириса...

...на чорба од блитва, на домашни кнедли, на пита од јаболки, на кисела зелка, на пржени плашици, на р’жен леб... на пеглана постелнина, на Illy espresso, на жена, на деца...
Важен ми е мирисот на штотуку заминати гости, зашто мирисот е помнење. Балзак вели дека секој мирис е спој на воздух и светлина. Мирисот е и сеќавање, прегледување на слики од албумот на нашата меморија, мирисот е и желба и копнеж и по одминати нешта. Чинам, по мирисот се познаваат добрите од лошите луѓе. Го сакам мирисот на тазе отпечатена книга и оној на со години заборавена, симната од најгорната полица.


Кога ќе ги допрам страниците на новиот број на „Филм+“...

Мојата најнова страст и љубов и допирот на секој нов број на ФИЛМ+. Допир-мојата силна страна, моето доминантно сетило. Нека звучи претенциозно, нескромно, ама барем мене ми ги пружило најсуптилните, најбурните, највозбудливите мигови во животот. Кога се допира, очите се затвотраат. Поетот би се воодушевил од допирот на јаболко во дланките, би го воспевал допирот на женска коса, би изнудил насмевка по допирот со бебешка кожа, или солза по допирот со драгата личност во заминување... Нека се „пофали“ некој дека никогаш во животот не допрел, не просеал топол морски песок низ дланките, или има ли некој што никогаш не допрел цвеќе? Некои целиот свој живот допираат топка, некои метал, други текстил, трети порцелан... а некои книги. Интензивно книги. Тактилноста е веројатно највозбудливото од сите чувства, цела една телесна драматургија, саспенс, трилер...адреналин. Допирањето е најчовечката манифестација за љубов, за пријателство, за утеха и радување. Допирањето е врвот на довербата . Допирањето еден од најмоќните аргументи за живеење. Допирањето рибарски телескоп (трска) е... седмо сетило.


Најмногу го сакам вкусот на...

... на радоста, на насмевката, на добрата намера, на прегратката, на бакнежот. А меѓу сите тие вкусови, вкусот на марула , вкусот на црвената пиперка, со вкусот на напрсток ракија од дуња,... пауза за вкусот на чадот од цигара... па вкусот на дроб-сарма со буковец или риба на скара со босилок...со вкусување на црно или бело вино... А потоа повторно вкусот на радувње, смеа, прегратка... И можеби по малку смешно или чудно, јас би финиширал со вкусот на печена тиква, со цимет и мед... и последната голтка вино... за вкусна дремка! И погрешна е поговорката дека за вкусовите не се расправа! Напротив, секој разговор е борба на вкусови, сета комуникација е во одбрана на својот вкус...а храната е веројатно најпространата територија за битката на вкусовите!


Интуицијата доаѓа со возраста...

Како да не!? Интуицијата е мелодрамска измислица. Интуицијата е она што сме сакале да го оствариме па отпосле го објаснуваме како предвидување. Психологијата може да се занимава со аспектите на интуитивноста но нема да ме убеди дека е некаква природна предиспозиција. Антиципација во миг е возможна и реална вештина, но некаков вселенски талент за наслутување...барем кај мене ниту постоел ниту со возраста се развил. Мислите дека со зрелоста и мудроста интуицијата се развива? Тоа е само празна поткрепа на сечие несвесно его, или само идеализирана „моќ“ на нашето алтер-его. Нема реална интуиција, има само практика, искуство, свесност и... денес!


Автор: Ана Трпеска
Фото: Ивана Дракулевска
Локација: Менада / Стара Скопска Чаршија



ЗА АВТОРОТ

Во овој дел на порталот „Точка.мк“ ќе можете да ги следите моите интервјуа.

Тие ќе ги следат сетилата на гостите, односно нивното согледување на светот и животот низ петте основни сетила (вид, слух, мирис, вкус и допир) и интуицијата како шестто сетило. Холистички пристап кој ќе дозволи интимно да ги запознаете моите говорници.

Отсекогаш сметам, дека една од моите најголеми предности е опкружувањето со луѓе кои не се плашат да им веруваат сетилата и кои дозволуваат оние околу нив да учат низ нивното искусување. Тоа се надевам, дека на овие „страници“ ќе најдете инспирација, идеја, начин, поинаков поглед, ќе откриете нова уметност, филм, книга, музика...

Искрено сонувам дека овие интервјуа ќе отворат теми за размислување, идеи, начин на соочување со реалноста што кај Вас ќе предизвика скокоткање на разбудена фантазија.

На кое од Вашите сетила Вие најмногу се потпирате? :)

Искрено,
Ана


Спонозорирани линкови

Маркетинг