BBC открива: Доналд Трамп ќе го промени целиот свет на овие 5 начини!

Точка

14/11/2016

12:55

5.923

Големина на фонт

а а а

Победата на Доналд Трамп на претседателските избори би можела да ги промени односите на САД со остатокот од светот во повеќе важни сегменти. BBC овојпат ви донесува преглед од петте за коишто се смета дека се најважни.

Слободна трговија

Ако Доналд Трамп продолжи со трговската политика којашто самиот ја заговараше, тоа ќе биде најголема поединечна промена во начинот на којшто Америка соработува на ова поле со остатокот од светот во последните децении. Тој се закани дека ќе раскине бројни постоечки договори за слободна трговија, вклучувајќи го и Северноамериканскиот договор за слободна трговија помеѓу САД, Канада и Мексико, којшто тој го обвини за големиот губиток на работни места во САД, пишува BBC.

Доналд Трамп сугерираше и повлекување на САД од Светската Трговска Организација (СТО). Тој заговараше за оданочување на увезената роба и говореше за наметнување на тарифа од 45 отсто на кинеската и 35 отсто на робата од Мексико, како би спречил за компаниите да ги преселуваат своите работни места преку јужната граница.


Климатски промени

Трамп изјави и дека ќе го “откаже” Парискиот договор за климатските промени којшто го потпишаа повеќе од 195 држави во месец декември минатата 2015 година. Исто така, тој најави дека ќе ги стопира сите плаќања на САД во програмата против глобалното затоплување на Обединетите нации. И иако ниту една поединечна земја не може да го откаже Парискиот договор, ако САД се повлече од него или го напушти спроведувањето на мерките во внатрешноста на државата, што го воведе претседателот Барак Обама, тоа ќе нанесе сериозен удар за овој Договор. Трамп повика и да се изведат дополнителни бушења и истражувања за фосилни горива како и тоа да се намали регулацијата и да се одобри нафтовод од Канада.

Затворање на границите

Во бројните говори за мигрантите, Трамп ја менуваше својата позиција, па тешко може да се утврди што тој навистина сака или што би можел да сака врз основа на некои од неговите неумесни барања, Кампањата ја започна со ветување дека ќе изгради ѕид долж американско-мексиканската граница и дека ќе департира 11 милиони илегални имигранти.

Од тогаш ставот го ублажи на “милиони” криминалци коишто живеат во САД изјавувајќи дека со остатокот од илегалната популација ќе се занимава подоцна.

До самиот крај инсистираше на тоа дека Мексико ќе плати за изградбата на ѕидот, но одбил да го спомене тоа плаќање кога бил во посета на таа држава. Тој најави и “комплетно затворање на границите на САД за муслимани”, но од тогаш изјави дека се работи за сугестија, а не политичка програма. Наместо тоа започна да говори за “екстремните проверки” на луѓето од одредени држави, иако не кажа за кои точно држави се работи.


НАТО

Трамп го окарактеризираше НАТО како застарена организација, а нејзините членки како неблагодарни сојузнички кои имаат корист од дарежливоста на САД. Тој изјавил дека Америка повеќе не може да си дозволува да ги штити државите во Европа и Азија без соодветна компензација, сугерирајќи дека ќе ги повлече американските сили ако за нив не биде платено. Од една страна, тој едноставно искажа американска загриженост поради тоа што многу членки на НАТО не ја исполнуваат обврската да одвојуваат два отсто од БДП-то за одбраната, иако некои го поставија прашањето и дали ќе се направи истапување од воениот сојуз којшто повеќе од 60 години претставуваше камен-темелник за надворешната политика на земјата.

Русија

Трамп искажа и уверување дека може да ја ублажи напнатоста со претседателот Владимир Путин, нарекувајќи го силен лидер со којшто би сакал да има добри односи. Малку што кажа во врска со тоа што би можело да стои зад желбата за заедничка борба против Исламската држава. Но тој има намера да утврди дали Русите ќе бидат “разумни”, при што е уверен дека ќе добие поголема почит од Путин за разлика од Хилари Клинтон или Барак Обама.



Спонзорирани линкови

Маркетинг