Еврометар 2016: Скоро 60 проценти сметаат дека членството во ЕУ би било добра работа

Макфакс

11/11/2016

15:22

1.718

Големина на фонт

а а а

Скоро 60 проценти, односно 59,3 отсто до граѓаните сметаат дека членството на Македонија во Европската унија би било добра работа, покажува анкетата спроведена од агенцијата М-Проспект, на прашалник подготвен од страна на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

Запрашани околу тоа дали сметаат дека ЕУ има активна улога во унапредувањето на демократијата во Македонија, 39,1 отсто одговориле потврдно, но со намалување од повеќе од два проценти во споредба со 2015-та, кога процентот изнесувал 41,5 отсто. Скоро 60 отсто, односно 59,9 проценти сметаат дека ЕУ треба да игра сериозна улога во разрешувањето на моменталната политичка криза во Македонија, а 31,1 отсто пак сметаат дека Извештаите на ЕК за напредокот реално ја отсликуваат состојбата во Македонија.

Ангажманот на ЕУ во решавањето на политичката криза позитивно бил оценет од страна на 25 проценти, додека 36 отсто сметаат дека овој ангажман на Унијата е негативен. Во поглед на Договорот од Пржино пак, 40,9 отсто сметаат дека неговиот ефект врз решавањето на кризата е негативен, а 18,9 проценти сметаат дека ефектите од Договороот се позитивни.

Дека ЕУ е најдобра алтернатива за Македонија сметаат 39,4 отсто од испитаниците, додека пак 47,4 проценти мислат дека Македонија треба да бара сопствен модел на развој надвор од ЕУ. Запрашни околу причините за застојот во евроинтеграциите, 37,3 отсто сметаат дека Македонија не може да влезе во ЕУ поради спорот со името, додека 36,5 отсто сметаат дека Владата го користи спорот за името со Грција како изговор за да не спроведува реформи.

Повеќе од 30 проценти, односно 31,6 отсто изјавиле дека очекуваат Македонија да стане дел од ЕУ по повеќе од 20 години или пак никогаш, а 18,7 проценти сметаат дека земјата ќе стане дел од Унијата во наредните пет години. Доколку, пак, во недела се одржи референдум за влез на Македонија во ЕУ, позитивно би одговориле 69,44 отсто, а 20,98 проценти би се изјасниле дека се против влегувањето во Унијата.

Анкетата на М-Проспект е направена во периодот од 11-ти до 24-ти октомври на репрезентативен примерок од 1201 испитаник, со маргина на грешка од +/- 2.83 проценти.


Спонозорирани линкови

Маркетинг