Трамп, Путин, рускиот носач на авиони и мирот во светот: Дали започна новата ера во меѓународната политика?

Точка

10/11/2016

12:01

11.874

Големина на фонт

а а а

Додека очите на светот се вперени во Доналд Трамп и неговата победа на претседателските избори во САД, Владимир Путин, на едно „далечно“ место повлекува нов потег на шаховската табла.

Додека Трамп се подготвува да се всели во Белата куќа, а рускиот претседател Владимир Путин меѓу првите му ја честиташе победата, руските воени бродови на чело со носачот на авиони „Адмирал Кузњецов“ ги штелуваат своите нишански направи кон Алепо.

Многу работи би се одвивале поинаку ако победеше Хилари, но победи Трамп. Тој е новиот претседател на САД со кој што Путин би можел да соработува во следните осум години.

Пред Путин се две години од тековниот мандат, но голема е веројатноста да продолжи да биде на чело на Русија уште еден шестогдишен мандат до 2024-та година. Со оглед на тоа што Трамп ќе може повторно да се кандидира на изборите во 2020-та година, може да се каже дека доаѓа нова Путин – Трамп ера во светската политика.


Владимир Путин изрази надеж дека ќе има заедничка соработка со новиот претседател на САД во надминувањето на разликите помеѓу двете земји, а Путин исто така изрази уверување дека изградбата на конструктивен дијалог помеѓу Вашингтон и Москва ќе се темели на начелата на еднаквоста, взаемната почит и уважувањето на меѓународните позиции на двете земји.

Сериозната порака на Путин до Трамп

Нешто подоцна, Путин уште еднаш се обрати до Трамп, но овој пат тој зборуваше од Андрејевската сала во дворецот на Кремљ, а говорот беше директно пренесуван на руската државна телевизија. Путин во обраќањето порача дека Русија е подготвена да ги обнови односите со САД, дека тоа е тежок пат, но дека Русите се подготвени да го поминат својот дел од патот.

Што би требало да значи обраќањето на Путин од Андрејевската сала? Станува збор за јазик на симболи. Најпрвин, тоа е израз на највисока почест. Во Москва која што е срцето на Русија, а Кремљ е срцето на Москва, нема поблескаво место од каде што би можел да се обрати рускиот претседател. Тоа е место каде што се наоѓа царскиот трон и од каде што руските претседатели стапуваат на должност и положуваат заклетва. Не можеме да бидеме сигурни дека Путин ќе го стореше истото ако победеше Хилари Клинтон, но тој го направи тоа поради Трамп. Станува збор за еден вид на обраќање на „еден цар на друг цар“.

Што всушност Путин му порача на Трамп? Пред се да биде џентлмен и човек од збор. Минатата есен Трамп изјави дека „доколку Путин сака да влезе во Сирија и да ги уништи ИСИС – го поддржувам 100%“. Путин со изјавата од срцето на Кремљ го потсети на тие зброви, па „Адмирал Кузњецов“ би можел уште сега да започне со нападите. Зарем Трамп не се залага за пораз на ИСИС?


Говорејќи за „одговорноста која што ја имаат САД и Русија за општата клима во меѓународните односи (мирот во светот), Путин му порача на Трамп дека Русија е светска сила, а не како што Обама знаеше да каже – регионална сила. Повторно се навраќаме на рускиот носач на авиони – тој ќе го докаже тоа дека Русија е светска сила.

Одговорот на Трамп

Ќе биде интересно да се види каков ќе биде одговорот на Трамп. Тој знае дека Американците не го избраа за да му угодува на Путин, туку да донесе промени. И покрај моќната медиумска кампања во корист на Хилари Клинтон, естабилишментот сепак ги загуби изборите. Исходот покажува дека американските граѓани не подлегнаа на ураганската медиумска пропаганда.

Но, Трамп сигурно не е наивен. Тој мора да знае дека кон него пријателски подадената рака може да се претвори во челична тупаница доколку не знае да стои на својот збор. Путин во обраќањето од Кремљ му испрати јасна порака околу тоа какви се правилата на игра и каква иднина ги очекува двајцата.


Сепак, ако на Путин и Трамп им тргне во односите, тогаш тоа ќе влее голема надеж за воспоставување на мир во светот, од Блискиот исток па се до нашиот Балкан. Доколку Путин и Трамп најдат заеднички јазик и ги поделат зоните на интереси така што САД нема да ја понижува Русија, тогаш можеби има светла иднина и лошите односи помеѓу САД и Русија конечно ќе се подобрат.

Мораме да се надеваме дека ќе биде така затоа што светската јавност веќе зачекори психоза на страв од нова светска војна. Сега може да се каже дека пред нас се Доналд Трамп, Владимир Путин, „Адмирал Кузњецов“ и војни на сите страни каде што двете сили ќе се борат за своите интереси, но мора да се признае дека се случува и ерозија на естабилишментот кој се руши како кула од карти.


Спонозорирани линкови

Маркетинг