Интервју со Давор Вукадиновиќ и Весна Стојановска: Што значи третиот пензиски столб и што ни овозможува истиот?

Точка

27/09/2016

12:15

6.207

Големина на фонт

а а а

Третиот пензиски столб овозможува дополнително пензиско осигурување засновано на капитализација на уплатените средства. Неговата основна цел независно од државното пензиско осигурување, е да обезбеди повисок приход по пензионирањето на неговите членови. На оваа тема поразговаравме со Весна Стојановска, Генерален директор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Давор Вукадиновиќ, Претседател на Управен одбор на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје.

Пензиските денови се чинат многу далеку доколку сте во доцните 20-ти. Понекогаш е тешко да замислиме што ќе правиме за две недели, а камо ли за 30 години од сега. Но, сведоци сме дека начинот на живеење „од денес за утре“ одамна е излитен и младите потребно е да размислуваат за својата иднина многу порано. Вие работите во сектор кој нуди најдобро решение кога говориме за пензиските заштеди. Објаснете ни ги можностите и предностите на приватните пензиски фондови?

Давор Вукадиновиќ: Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување ни овозможи да бидеме чекор поблиску до практиката на развиените земји и тоа во еден од најважните сегменти – доброволно пензиско осигурување. Доброволните пензиски фондови се формирани со цел да им се овозможи на граѓаните да ја надополнат пензијата од првиот и вториот пензиски столб и да си осигураат дополнителни примања на старост. Како резултат на тоа, вложувањето во доброволните пензиски фондови ни овозможува да заштедиме за „златните години“.


Доброволното пензиско осигурување, преку професионална пензиска шема, им овозможува на компаниите/здруженијата на граѓани да уплатуваат дополнителен доброволен пензиски придонес за своите вработени/членови со што вработените/членовите би оствариле дополнителна пензија, а преку индивидуалното членство физичките лица можат да штедат и да си обезбедат дополнителни приходи за пензионерските денови.

Со цел да се поддржи и поттикне развојот на ова пензиско осигурување, воведени се одредени даночни ослободувања за фирмите и даночни стимулации за физичките лица. Индивидуалните членови имаат право на поврат на платениот персонален данок, за уплатените средства во доброволниот пензиски фонд, а компаниите за уплатените средства во доброволно пензиско осигурување се ослободени од плаќање на персонален данок, плаќање на придонеси и платените средства во доброволно пензиско осигурување се сметаат за трошок на фирмата (признат трошок од аспект на данок на добивка до соодветното ограничување). Износот на ослободувањето по член за една календарска година не може да биде поголем од 4 просечни месечни бруто плати во Р.Македонија објавени за претходната година, во согласност со законската регулатива.

Средствата на пензискиот фонд се инвестираат на домашниот и на странските финансиски пазари, со цел да се зачува и да се зголеми нивната вредност. Приносот кој се остварува од управувањето со средствата на пензискиот фонд им припаѓа единствено на членовите на фондот и се распределува на нивните сметки. Мисија на Друштвото во поглед на управувањето со фондот е остварување на оптимален принос на долг рок преку активно управување со средствата на НЛБ Пензија плус, придржувајќи се кон толеранцијата за ризик, правилата и процедурите за мерење и управување со ризиците, законодавната рамка и внатрешно поставените лимити при инвестирањето.

Дали ова значи дека апсолутно не постојат никакви ризици доколку некој се реши својата заштеда да ја вложи во еден ваков фонд?

Весна Стојановска: Нашата цел е парите на членовите на Фондот со кој управуваме да бидат сигурни. Затоа секоја наша инвестиција е во согласност со правилата што гарантираат: сигурност, диверзификација на ризикот од инвестиции и одржување на ликвидност на средствата.


Ризици секако дека постојат, но сакаме да напоменеме дека од почетокот на своето работење една од главните цели на Друштвото е да го максимизираме приносот на инвестираните средства на осигурениците, притоа водејќи сметка за максимално минимизирање на ризикот.

Работењето на пензиските фоднови е под контрола на МАПАС (Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување), но и од посебни работни единици формирани од пензиските друштва за управување со ризиците како пазарниот ризик, кредитниот ризик, ликвидносниот ризик итн, каде овие ризици се дневно мониторирани и од кои ако произлегува укажување за зголемување на одреден ризик се даваат препораки за нивно намалување или целосно елиминирање.

Инвестираните средства имаат висока стапка на сигурност бидејќи се чуваат кај банки чувари на имотот кои се одговорни за имотот на пензиските фондови и се води на посебни старателски сметки во домашни и странски институции и не влегува во имотот на Друштвата за управување со пензиски фондови, туку средствата се во сопственост на членовите на пензиските фондови според уделите кои ги имаат на своите сметки.

На што се должи ваквиот очигледно погрешен став каде младите не размислуваат за вакви навремени заштеди. Кои се механизмите на ширење и подигнување на свеста за важноста од инвестирањето во пензиските фондови?

Давор Вукадиновиќ: Резултатите од истражувањата на мислење кои ги имаме спроведено покажуваат дека најголем дел од лицата кои се на возраст под 40 години не размислуваат за пензионирање, односно истите неможат да се замислат себе си како пензионери и ретко се одлучуваат да штедат во доброволен пензиски фонд. Поголем дел од лицата кои наполниле 40 години почнуваат да размислуваат за пензионерските денови и истите почесто се одлучуваат да штедат во доброволен пензиски фонд. Меѓутоа, колку порано се започне со штедење толку поголем принос ќе се добие со текот на времето. Бидејќи периодот за штедење е долг, помладите со мал износ можат да заштедат сума која ќе биде значајна за нивните пензионерски денови. Лицата кои се блиску до пензионирање и немаат заштеда ќе мораат да штедат поголема сума на пари, бидејќи периодот за штедење и оплодување на средствата е краток.


Во овие 11 години постоење, НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје континуирано работи на едукација на населението за пензиската реформа, промоција на пензискиот систем и финансиска едукација за развивање на свеста на јавноста. Но, може да се каже дека заинтересираноста на осигурениците за пензиското осигурување и за состојбата на нивните пензиски сметки е сеуште мала. Преку континуирано организирање на теренски и медиумски едукативни кампањи се обидуваме да го привлечеме вниманието на осигурениците да се информираат за бенефитите од пензиската реформа и за нивната иднина, за нивната пензиска заштеда, за предностите, правата и обврските со кои се стекнуваат со пензиската реформа.

Како би ја оцениле сликата на теренот, постои ли воопшто навика на вложување кај нас и во кој правец таа се развива?

Весна Стојановска: Иако од почетокот на функционирање на реформата една од главните цели на Друштвото на која континуирано се работи е едукација на населението. Бројот на членови во третиот столб од почетокот на неговото функционирање до денес бележи константен раст, но сеуште не можеме да кажеме дека свеста на луѓето за доброволното пензиско штедење е на задоволително ниво,а уште помалку дека постои навика за ваквиот начин на штедење.

Ние како Друштво односно нашите агенти пред се преку директна комуникација со потенцијалните членови се трудиме што повеќе да им го доближиме ваквиот начин на штедење и бенефитите кој ги нуди истиот, односно да им воочиме колку е битно што порано да се почне да се мисли за иднината.

Дали би можеле да направиме една паралела на културата на вложување во приватните пензиски фондови кај нас и оние во странство?

Давор Вукадиновиќ: Капитално финансираните пензиски системи не се новина на европскиот простор, тие во најголема мера се развиле во Велика Британија, Холандија и Данска и функционираат во текот на 20-тиот век. Доброволното капитално финансирано пензиско осигурување се одвива во рамките на вториот и третиот столб од системот на пензиско осигурување во земјите-членки на ЕУ. Во земјите-членки на ЕУ во Западна Европа, односно оние земји што не го имаат имплементирано моделот за реформа на Светската банка и оние кај кои капитално финансираното пензиско осигурување не е задолжително со закон вториот столб најчесто функционира преку доброволни приватни пензиски шеми, на колективен принцип.

Работодавачите/компаниите најчесто преку пензиски шеми го спонзорираат ваквиот тип на штедење, каде што работодавачите уплаќаат дополнително пензиско осигурување за вработените со цел зголемување на нивните пензиски заштеди, додека третиот столб функционира на индивидуална основа каде што физичките лица самостојно уплаќаат доброволни придонеси во доброволен пензиски фонд.

Приватните пензиски системи се поддржани со мешавина од механизми кои вклучуваат даночни олеснувања, поттикнување на работодавачите за плаќање на придонеси и слично.
Во развиените земји преку 50% од вработените се осигурани во доброволни пензиски фондови, а кај нас тој процент е сеуште мал и изнесува околу 4% од вработеното население. Токму третиот столб, како и други форми на дополнително штедење за пензија имаат за цел да го амортизира ризикот од продолжување на животниот век на пензионираните членови. Според состојбите и праксата сеуште постои голем простор за работа и зголемување на познавањата, свесноста и заинтересираноста на населението за капитално финансираните пензиски фондови.

Во Македонија сите ние законски сме обврзани да одделуваме средства во Задолжителниот пензиски фонд, но постои и трет столб кој се смета за Доброволен пензиски фонд. Ќе можете ли подетaлно да ни го објасните начинот на кој тој функционира, на кој начин се станува негов член?

Весна Стојановска: Третиот пензиски столб овозможува дополнително пензиско осигурување засновано на капитализација на уплатените средства. Неговата основна цел независно од државното пензиско осигурување, е да обезбеди повисок приход по пензионирањето на неговите членови.

Сите лица кои се на возраст од 15 до 70 години, но немаат остварено право на пензија може да бидат членови во Доброволниот пензиски фонд. Работниот однос не е предуслов за членување, па затоа членови можат да бидат и лица кои се невработени, вработени на проекти или во странски мисии, долгорочно невработени лица, лица кои немаат приходи по ниеден основ, лица за кои ќе биде уплатуван дополнителен пензиски придонес - брачни другари, членови на семејство и слично.

Одлуката за висината и редовноста на уплатата e на членовите. Членството во доброволен пензиски фонд не обврзува да се уплаќаат однапред дефинирани износи секој месец и членот може да уплаќа кога сака и колку сака. Висината и редовноста на уплатата не влијае на правото на користење на средствата ниту пак на износот што ќе се користи.

Третиот столб е ефикасен начин преку кој ќе допринесете Вашата пензиска заштеда во иднина да биде уште поголема, благодарејќи на дополнителните уплати потпомогнати со даночни стимулации од државата.

За сите подетални информации за правата, обврските, за тоа како се станува член на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд и сл. можете да се информирате на нашата интернет страна www.kbprvo.com.mk.


Кој сè може да основа доброволен пензиски фонд?

Давор Вукадиновиќ: Доброволен пензиски фонд е отворен инвестиционен фонд, што се основа и работи согласно со Законот за инвестиционите фондови и Закон за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Доброволниот пензиски фонд го сочинуваат доброволните придонеси уплатени во име и за сметка на членовите, средствата на членовите, средствата на пензионираните членови и приносите од инвестираните придонеси и средства, намалени за надоместоците што се наплатуваат од доброволниот пензиски фонд.

Пензиско друштво може да основаат домашни и странски правни лица. Основачи на друштво за управување со доброволни пензиски фондови кои поседуваат 51% или повеќе од основната главнина на друштвото, можат да бидат банки, друштва за осигурување, друштва за управување со инвестициони фондови, странски друштва за управување со пензиски фондови и останати финансиски институции, како и други правни лица кои ги исполнуваат условите кои се пропишани со Закон за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Во Република Македонија приватните пензиски фондови се основани од страна на две од најреномираните и најуспешни банки НЛБ Банка АД Скопје и Комерцијална Банка АД Скопје и нивни странски партнери од Словенија При своето основање и функционирање, пензиските друштва треба да исполнат одредени законски барања за нивото на капитал, посебни критериуми за основачите, барања за стручен и професионал кадар и адекватност на техничките капацитети.

И она што претпоставувам сите најмногу ги интересира е кога може да се повлечат средствата кои сте ги инвестирале во Доброволниот пензиски фонд и каква е ситуацијата во однос на износот и период на уплаќање т.е. инвестирање?

Весна Стојановска: Средствата уплатени во третиот пензиски столб може да се повлечат 10 години пред пензионирање, а начинот на повлекување го одредуваат членовите. Начинот на повлекување на средствата членовите може да го прилагодат на своите потреби, односно самите одлучуваат на кој од следните начини ќе ги повлечат средствата и тоа преку: еднократна исплата на акумулираните средства,повеќекратна исплата, ануитети, програмирани повлекувања или комбинација од наведените опции за користење на средствата.


Спонозорирани линкови

Маркетинг