Интервју со Дарко Велковски – член на младата фудбалска репрезентација на Македонија

Точка

20/09/2016

13:27

10.486

Големина на фонт

а а а

Суперталентираниот Дарко Велковски е дел од најталентираните фудбалери во Македонија, а пред него со сигурност претстои кариера од соништата. Овојпат пред неговиот тим се наоѓа огромен предизвик, натпреварот со Шкотска. Дарко вели дека секако станува збор за тежок натпревар, но вели и дека секако постои можност за да се продолжи и понатаму, токму на европското првенство.

Македонија во својата група е пред репрезентации како Франција, Исланд, Украина, Шкотска, Република Ирска. Какво е чувството да се биде дел од една од најуспешните фудбалски генерации?

Дарко: Чувството се разбира е прекрасно. Сите се надеваме дека ќе останеме први во групата благодарение на квалитетот, колективот и хомогеноста на оваа репрезентација.

Почнувајќи од голманот, па сѐ до напаѓачите, вклучувајќи го и стручниот штаб. Резултатите влијаат позитивно на нашата самодоверба, и тоа што е заедничко за сите нас, е што едвај чекаме да дојде нов натпревар. Убаво е да се победува, и да се остваруваат позитивни резултати. Радоста од тоа е за сите.


Ваква хармонија, компактност и сплотеност не сме забележале кај еден фудбалски колектив досега, која е тајната?

Дарко: Рано е да се откриваат тајните. Да го почекаме прво крајот на квалификациите. Но, секако голема заслуга за ова има нашиот селектор Боби Милевски, со неговата посветеност, енергичност и постојаност.

Обраната е можеби најважниот дел од екипата. Колку е таа постабилна, тимот има поголема самодоверба и шанси за успех. Колку добро фудбалерите се познавате меѓу себе?

Дарко: Се познаваме долго, речиси осум години. Некои од нас заедно играат и клупски фудбал. Со Зајков игравме заедно пет години, а со голманот Игор седум години ги браневме боите на Македонија Ѓорче Петров. На фудбалскиот терен се надополнуваме, се помагаме и тоа дава голема сигурност за целата екипа.


Репрезентацијата со она што го направи досега покажа карактер, победнички менталитет и влеа верба во подобра фудбалска иднина. Доаѓа натпреварот со Шкотска. Со успех имаме загарантирано второ место. Дали ќе биде тежок овој натпревар?

Дарко: Секако дека натпреварот ќе биде тежок. Не смееме никако да ги потцениме. Видовме дека станува збор за квалитетна и цврста репрезентација. Доколку Исланд киксне на еден од двата натпревари што им преостануваат, имаме можност како првопласирани да се квалификуваме на европското првенство. Како и да е, за нас е најважно да победиме дома, на натпреварот со Шкотска. Се надеваме дека ќе има доволно публика која ќе не поддржи. Тажно е да се игра пред празни трибини. А оваа генерација сметаме дека заслужува поддршка од публиката.

Кои се идните планови на Велковски. Ве бара Динамо Загреб, денешниот Вардар е секако сериозен колектив. Што очекувате?

Дарко: Засега немам други планови. Комплетно сум фокусиран на настапите за ФК Вардар и се разбира на репрезентацијата. Секако дека сакам фудбалски да се развивам, и да се подобрувам во сите сегменти на фудбалската игра. Важно е напорно да тернирам, да останам здрав и секако потоа успесите ќе следат.



Спонзорирани линкови

Маркетинг